S

 

 

Suzuki новости

Suzuki лансираше нов 0,8 литарски турбо дизел со два цилиндари

 

Suzuki Motor Corporation конструираше нов 0,8 литарски турбо дизел агрегат со два цилиндари, кој го красат исклучително мали димензии, ниска маса и многу мала потрошувачка. Агрегатот ќе се вградува во моделот Celerio.

Ова е првиот дизел мотор развиен директно од Suzuki. Дизел моторот е првенствено направен за побарувањата на пазарот во Индија и има многу ниска цена, ниска потрошувачка и ниски трошоци за одржување.

Особено е посветено внимание на намалување на масата, за што блокот е целосно изработен од алуминиум, развиен е покомпактен систем за дистрибуција на горивото, а вграден е и помал турбо полнач, специјално развиен за да работи со два цилиндари.

Со намалувањето на степенот на компресија на 15:1 и вградувањето на голем интеркулер, постигнат е повисок вртежен момент при пониски вртежи на моторот (125 Nm при 2.000 врт/мин), висока максимална сила од 48 КС и ниска потрошувачка на гориво од само 3,6 литри по индискиот круг на испитување.

Бидејќи се работи за мотор со два цилиндари, големо внимание е посветено и на намалувањето на вибрациите и звукот, а тоа е постигнато со оптимизирање на замавникот и држачите на моторот. Во дизел моделот на Celerio е вградена и подобрена звучна изолација.